Илјадници туристи на Попова Шапка
Илјадници туристи изминативе два викенда го посетија скијачкиот центар Попова Шапка. Снежната убавица велат има големи предности, но и мани кои се надеваат дека ќе бидат надминати со најавените инвестиции...

На задоцнетата скијачка сезона, Попова Шапка изминативе два викенда ја посетија илјадници туристи. Скијачи, рекреативци, планинари.
Попова Шапка нуди природни предуслови за зимски туризам, но во неа треба сериозно да се вложи, ако сакаме да прерасне во вистински ски центар, вели Атила Абдулахи ски инструктор, кој го затекнавме со неговите ученици на ски патеката Цери Пашина.
Проблемот со недостиг на паркинг места, како и инсталација со вештачки снег, треба да бидат приоритетните инвестиции.
Центарот полека го обвива магла, но планинарите продолжуваа со своите потфати.
Николче Јовановски со својот пријател, вели дека планината нуди одлични врвови за искачување кои се пристапни.
Од раководството на Попова Шапка, велат дека се задоволни од почетокот на скијачката сезона. Имаше проблеми со сообраќајот, но сега се надминати, благодарение на поголемата ангажираност на полицијата.
Во инвестицискиот план од „Техно Алпин“ кој го најави Владата, стои дека оваа компанија ќе инвестира во инсталација во вештачки снег, паркинг места, нови скијачки патеки, нови хотели.
Очекувањата се инвеститорот и Владата да потпишат договор, а од април да се започне со првите инвестиции. Но, засега не се кажува дали станува збор за концесија или Јавно-приватно партнерство.
Зоран Димовски
