Ковачевски: Да не губиме време, годинава нов исчекор во европските интеграции
Владата и граѓаните, единствен и заеднички бедем за одбрана и гаранција на македонскиот идентитет, порака од премиерот Ковачевски на владината конференција „Година на нови можности“. Премиерот дециден-повеќе не треба да губиме време на порази и стоење во место. Годинава очекува нов исчекор во европските интеграции…

„Зајакнувањето и унапредувањето на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, зависат од нас самите. Не смееме да дозволиме овие наши темели да се напаѓаат ниту од надвор, ниту од внатре, особено за поединци за кои најважно е профитерството“, порача премиерот Ковачевски. Вели- националистичката реторика на Бугарија е резултат на претстојните избори, но нема да дозволиме никој да ја загрози нашата европска иднина.
„Имаме своја македонска историја, култура, традиција по коишто сме како посебен народ и посебна држава препознаени и признаени во Европа и светот. И зарем за ова треба да дебатираме дома, зарем треба овие наши темели да дозволиме да се напаѓаат однадвор, но и одвнатре, од поединци и структури желни за пари и власт, за кои ништо не е свето и се е предмет на пари! Секако дека не! Јас, Владата и сите граѓани ќе бидеме единствен и заеднички бедем за одбрана и гаранција на единствениот македонски национален идентитет! Затоа, сите ќе си ја гледаме својата работа. Наша работа е да ги штитиме националниот идентитет, стабилноста и безбедноста на државата и да го овозможиме напредокот. Ние тоа го правиме“, нагласи премиерот Ковачевски.
Премиерот годинава очекува нов исчекор во евроинтеграциите. Уверен е дека може да се постигне европско парламентарно мнозинство кое ќе ги осигури европските перспективи. Повика на обединување околу новите можности. Порача, не смееме да дозволиме да победат профитерите, популистите, луѓето без вредности, морал и етика. Тешко е да се носат разумни одлуки во време на неразумни провокации, но ако се спуштиме на нивно ниво ќе изгубиме-нагласи Ковачевски.
„Пред нас е година којашто ќе ја тестира зрелоста на сите политички лидери и на сите пратеници во Парламентот. Ние сме мултиетничка граѓанска држава, успешна функционална мултиетничка демократија, пример во регионот и во Европа и со тоа што ќе додадеме нови етнички заедници во уставот ништо нема да изгубиме. Зборувам отворено за предизвиците во 2023 година, затоа што треба да се носат паметни одлуки. Да, тешко е да се носат разумни одлуки во време на неразумни провокации. Но нечие однесување говори за личноста која го применува тоа однесување. Ако го спуштиме нивото, ако подлегнеме на тие провокации, коишто ја имаат оваа цел – ние тогаш сме изгубиле“, рече Ковачевски.
Ковачевски посочи дека годинава се продолжува со проектите за отворање нови можности. Додаде дека сме во фаза на билатерален скрининг, којшто успешно се одвивал и којшто треба да се заврши пред крајот на оваа година.
Наташа Гркова Петрушевска
