Украина

Жестоки руски напади врз Харков и Керсон

30.01.2023 12:41

Се погласни повиците на украинскиот претседател Зеленски за воена поддршка на Киев. Германија потврди дека нема да испраќа борбени авиони во Киев. Тенковите од Европа и САД се очекуваат во наредните месеци. Жестоките руски напади не престануваат. Гранатирани Харков и Херсон. Има загинати цивили...

Жестоки руски напади врз Харков и Керсон. Оштетени се станбени згради, социјални и транспортни објекти, болница, пошта и автобуска станица. Има загинати и повредени цивили.

„Повредени се жителите кои се наоѓале на третиот и четвртиот кат. Веќе е утврдено дека едно лице почина“, изјави Дмитро Чубенко, портпарол на Обвинителството на регионот Харков.

„Според нашите експерти, станува збор за проектил С-300“, додаде Олех Синиехубов, началник на Регионалната воена управа во Харков.

Градот Бахмут во Доњецк и околните области се местата на некои од најжестоките битки од почетокот на руската инвазија. Москва се обидува да го развлече фронтот, Киев треба да го забрза  снабдувањето со оружје, вели претседателот Зеленски.

„Ситуацијата е многу тешка. Бахмут, Вухледар и други области во регионот на Доњецк се под постојани руски напади, се обидуваат да ја пробијат нашата одбрана“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Германија потврди дека нема да испраќа борбени авиони во Киев. Според канцеларот Шолц, војната во Украина не е чисто европско прашање, туку предизвик за целиот меѓународен поредок со сериозни последици за светот.

„Направивме сè што можеме за да спречиме ескалација на конфликтот, бидејќи тоа би влијаело на целиот свет ако доведе до војна, на пример, меѓу Русија и земјите од НАТО. Уште на почетокот на војната, ја отфрливме можноста за борбени авиони. Отфрливме и бесмислени барања, како копнени трупи“, истакна Олаф Шол, канцелар на Германија.

Од Кремљ оценуваат дека ситуацијата со снабдувањето со западно оружје за Украина е во ќор-сокак.

„Украина бара се повеќе и повеќе нови оружја. Западот ги охрабрува овие барања, се колне дека е подготвен да го обезбеди ова оружје. Ситуацијата е прилично во ќор-сокак, а тоа води кон ескалација, до фактот дека земјите од НАТО се сè подиректно вклучени во овој конфликт“ изјави Дмитриј Песко, портпарол на Кремљ.

Најавените борбени машини од Европа и САД се очекуваат во Украина во наредните месеци. Генералниот секретар на Алијансата побара поголема воена поддршка за Украина и од Јужна Кореја. Русија тврди дека НАТО ја зголемува можноста од нуклеарен колапс на планетата.

 

Маријана Димовска