Пациентите со цистична фиброза сè уште чекаат терапија, надлежните на потег
Пациентите со цистична фиброза во Македонија сè уште чекаат современа модулаторна терапија. Помина еден месец од протестот, но решение за проблемот нема. На потег се надлежните. Владите во регионот обезбедија терапија за нивните граѓани со цистична фиброза...

Пациентите со цистична фиброза во Македонија ги лекуваат последиците од болеста. Во регионот на пример, како што е во Република Српска, Босна и Херцеговина, од пред шест месеци тие имаат нов живот. Во јуни државата ја одобрила терапијата, а во август пациентите почнале да ја користат. Лекарката Оливера Љубоја, која се бори за здравјето и животот на лицата со цистична фиброза е горда што нејзините пациенти добија можност да имаат поквалитетен живот. Имала поддршка од највисоките институции.
„Во ресорното министерство успеавме да ја оствариме нашата цел. Сметам дека и вие без поддршка од Владата и од ресорното министерство нема да успеете да добиете терапија. Се надевам дека мојот глас ќе пробуди свест кај надлежните да видат колку е битно нивното учество за да реализирате ваква голема цел и да успеете да набавите лекот Трикафта“, рече д-р Оливера Љубоја од Универзитетска клиника за детски болести во Република Српска.
Пациентката од Србија, Ана Костадиновиќ од Србија им порачува на засегнатите од Македонија да бидат истрајни во својата битка. Вели и додека бев во агонија верував во луѓето, во подоброто утре.
„Јас им давам поддршка на пациентите со цистична фиброза во Македонија. Ги поддржувам паролите на тие храбри момци и девојки, на тие родители кои молат за лек на нивното дете. Пациентите во Македонија заслужуваат посветла иднина и живот којшто го добив и јас“, рече Ана Костадиновиќ, пациент со цистична фиброза од Србија.
Македонија останува една од ретките земји во која нема обезбедено современа терапија за цистична фиброза. Пред недела дена Грција терапијата ја обезбеди преку Фондот за здравство.
Наташа Јанчиќ Менковски
