ДС: Потребна е независна агенција за борба со корупција и криминал
Демократски сојуз не се откажува од формирање Агенција за борба со корупцијата и криминалот. Поради тоа почнаа дебатите за законското решение. Според лидерот на партијата, Трајанов, Агенцијата ќе треба да ги открива скриените имоти на функционерите и на службениците инволвирани во криминал, да иницира постапки за кривична одговорност на носителите на јавни функции, да предлага конфискација на имот стекнат на криминален начин. Тој очекува да добие вистинска поддршка за законското решение од сите партии во Собранието…

Лидерот на Демократски сојуз, Трајанов не се откажува од формирање независна агенција за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција. Досегашните институции за ваква цел биле партизирани и не се отпорни на партиските, на бизнис-влијанијата ниту на коруптивните процеси што се случуваат во државава, вели Трајанов. За разлика од некогашното СЈО кое беше формирано со слична идеја, Трајанов вели дека независната агенција ќе има борд од 12 или 15 еминентни, почитувани луѓе со интегритет кои ќе го поставуваат директорот.
Експертите посочуваат дека токму поради пропаѓањето на СЈО потребно е да се формира вакво тело, особено што стремежот е да се преструктурира Обвинителството за организиран криминал.
Целосно департизирана, агенцијата би броела 50 вработени со посебни овластувања и со плати од по околу две илјади евра обезбедени од државата. Вакви агенции се формирани во неколку држави во опкружувањето, но и во европските земји, велат на трибината.
Фиљана Кока
