Конференција „Година на нови можности“

Ковачевски: Нема да дозволиме никој да ја загрози нашата европска иднина

30.01.2023 14:50

Владата и граѓаните, единствен и заеднички бедем за одбрана и гаранција на македонскиот идентитет – порака од Ковачевски. Премиерот дециден- повеќе не треба да губиме време на порази и стоење во место. Дводневна конференција „Година на нови можности“ во Скопје…

Зајакнувањето и унапредувањето на македонскиот јазик и македонскиот идентитет зависат од нас самите. Не смееме да дозволиме овие наши темели да се напаѓаат ниту однадвор ниту однатре, особено за поединци за кои најважно е профитерството, порача премиерот Ковачевски. Вели-националистичката реторика на Бугарија е резултат на претстојните избори, но нема да дозволиме никој да ја загрози нашата европска иднина.

„Имаме своја македонска историја, култура, традиција по коишто сме препознаени и признаени во Европа и светот како посебен народ и посебна држава. И зарем за ова треба да дебатираме дома, зарем треба овие наши темели да дозволиме да се напаѓаат однадвор, но и однатре, од поединци и структури желни за пари и власт, за кои ништо не е свето и се е предмет на пари! Секако дека не! Јас, Владата и сите граѓани ќе бидеме единствен и заеднички бедем за одбрана и гаранција на единствениот македонски национален идентитет! Затоа, сите ќе си ја гледаме својата работа. Наша работа е да ги штитиме националниот идентитет, стабилноста и безбедноста на државата и да го овозможиме напредокот. Ние тоа го правиме“, изјави премиерот Ковачевски.

Премиерот годинава очекува нов исчекор во евроинтеграциите. Уверен е дека може да се постигне европско парламентарно мнозинство кое ќе ги осигура европските перспективи. Повика на обединување околу новите можности. Порача-не смееме да дозволиме да победат профитерите, популистите, луѓето без вредности, морал и етика. Тешко е да се носат разумни одлуки во време на неразумни провокации, но ако се спуштиме на нивно ниво ќе изгубиме-нагласи Ковачевски.

„Пред нас е година којашто ќе ја тестира зрелоста на сите политички лидери и на сите пратеници во Парламентот. Ние сме мултиетничка граѓанска држава, успешна функционална мултиетничка демократија, пример во регионот и во Европа и со тоа што ќе додадеме нови етнички заедници во уставот ништо нема да изгубиме. Зборувам отворено за предизвиците во 2023 година, затоа што треба да се носат паметни одлуки. Да, тешко е да се носат разумни одлуки во време на неразумни провокации. Но нечие однесување говори за личноста која го применува тоа однесување. Ако го спуштиме нивото, ако подлегнеме на тие провокации, коишто ја имаат оваа цел – ние тогаш сме изгубиле“, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека земјава добива околу 100 милиони евра годишно европски пари и дека ЕУ е најголем инвеститор во нашиот развој.

„Што поскоро ја завршиме политичката димензија на европските интеграции, а тоа е комплетирањето на уставните измени и остварување на оној неопходен консензус за движење понатаму, толку побрзо ќе се движиме напред. Нема веќе изговори-овој сосед не блокира или чекаме оваа голема сила да направи нешто“, рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Ковачевски посочи дека годинава се продолжува со проектите за отворање нови можности. Додаде дека сме во фаза на билатерален скрининг, којшто успешно се одвивал и којшто треба да се заврши пред крајот на оваа година.

Викторија Милевска