Експлозија во џамија во Пакистан
Бомбаш-самоубиец се разнесе во џамија во северозападен Пакистан. Во детонацијата во Пешавар загинаа десетици верници, над 100 се повредени. Никој не презеде одговорност. За ваквите напади во минатото беа обвинувани талибанците...

Десетници загинати, меѓу кои и полицајци во експлозија во џамија во Пешавар, Пакистан. Над стотина верници се ранети во објектот кој се наоѓа во близина на полициска станица. Во моментот на детонацијата внатре биле околу 300 луѓе.
„Се подготвувавме за молитва, одевме кон џамијата. Експлозијата се случи кога стоевме на скалите. Спасивме неколкумина ранети. Хоспитализирани се. Тешко е да се процени точниот број на жртви“, изјави очевидец.
„Кога стигнавме овде беше хаотично. Спасив седуммина, ги ставив во амбулантното возило. Еден дел од џамијата е целосно урнат. Немам конкретен број на загинати, но овде имало многу верници кога пукнала бомбата“, додаде друг очевидец.
Северозападниот регион на Пакистан е долгогодишно упориште на милитантите поради нестабилните влади. Лани во март, бомбаш-самоубиец на Исламска држава се разнесе во џамија на малцинските шиити. Во нападот загинаа 64 луѓе и тој се смета за најсмртоносен од 2018 година.
Во регионот е активен и огранокот на Талибанците, познат како „Техрик е Талибан Пакистан“. По преземањето на власта во Авганистан во 2021 година, е регистриран пораст од 50% на бројот на бунтовнички напади, со фокус врз провинциите на западната граница.
Во 2014 година во Пешавар, огранокот изврши масакр во училиште за деца на воени лица и усмрти речиси 150 луѓе, од кои повеќето беа ученици.
Маја С. Филдишев
