Шаќири: Остварени програмските цели од 2022 година
И покрај бројните предизвици во 2022 година, успеавме да ги оствариме речиси сите поставени програмски цели во образованието...

И покрај бројните предизвици во 2022 година, успеавме да ги оствариме речиси сите поставени програмски цели во образованието. Фокусот беше ставен на неколку компоненти – инфраструктура, нови наставни програми и учебници, поддршка за професионален развој и подигнување на мотивацијата на наставниот кадар, инклузија, унапредување на ученичкиот и студентскиот стандард и влог во науката и истражувањата. Истите приоритети остануваат и годинава, за што имаме буџет од 450 милиони евра, за 8,4% поголем од ланскиот, рече Шаќири.
Тоа потврдува дека образованието ќе биде приоритетна област за инвестирање, дури и во услови на изразена економска и енергетска криза, истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната панел-дискусија. Додаде дека годинава МОН има за 9% повеќе средства од лани за инфраструктура.
Осврнувајќи се на грижата кон наставниците, рече дека сите 25 илјади наставници во 2022 година добија повисоки плати за 15% и дека претходно со измените на Законот за минимална плата, покачување на приходот од работа добија и околу 4700 лица во училиштата ангажирани како административно технички кадар, a годинава ќе има и ново усогласување со минималната плата.
Во делот на науката и истражувањето пак, информираше дека лани биле исплатени 240 милиони денари, како поддршка на реализацијата на проекти на јавните научни установи и поддршка во набавката на нови лабораториски ресурси на високообразовните установи, стои во соопштението од Владата.
