Маричиќ: Реформите, политичкиот дијалог и европските фондови пресудни за процесот на преговори со ЕУ
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, во своето обраќање рече, 2022 година е најуспешната година на европските интеграции...

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, во своето обраќање на годишната конференција „Година на нови можности“ рече дека 2022 година е најуспешната година на европските интеграции и дека е клучна пресвртница во нашите односи со Европската Унија, посочувајќи дека годинава акцентот ќе биде ставен на скринингот, реформите и уставните измени.
Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ информираше за динамиката на скрининг процесот и кажа дека областите од кластерите „Темелни вредности“ и „Внатрешен пазар“ ќе бидат главните теми за 2023 година.
Според вицепремиерот доколку ние го завршиме скринингот успешно, доколку до пролет ги изготвиме патоказите, можеме да очекуваме дека до почетокот на летото е возможно и тие документи да се најдат пред Советот на министри на Европската Унија на разгледување.
Вицепремиерот Маричиќ кажа и дека во оваа фаза на процесот на преговори важно е максималното искористување на сите можности за обезбедување на финансиска помош од Европската Унија, којашто не е мала и не е безначајна, особено во овие моменти на криза. За ИПА средствата и генерално средствата на странска помош, Маричиќ кажа дека се позитивно и убаво лице на европските интеграции коишто треба да помогнат на државата да ги изведе тешките реформи, односно да ги изведе промените на правилата и трансформацијата на системот којшто не се едноставни и за отворање на пазарот и за подобрување на инфраструктурата и за подобрување на животната средина, итн.
Маричиќ посочи дека Владата навистина ги има евроинтеграциите како свој приоритет и порача тоа да се прелее и на другите политички партии, политички субјекти во Собранието и со трезвен пристап и со ладни глави сите да направат нешто за што граѓаните ќе им бидат благодарни, стои во соопштението од Влада.
