Тренчевска: Раст на плати и пензии, поддршка за најранливите и одржливи социјални услуги и сервиси ја обележаа 2022 година
На панел сесијата „Социјални и здравствени политики во време на криза“ се дебатираше за ефектите од антикризните мерки, воведувањето на новите методологии за раст на минимална плата и пензиите, воспоставување на социјалните услуги и сервиси и обезбедување на нивна одржливост...
Во рамки на дводневната конференција организирана од страна на Владата на Република Северна Македонија, „Година на нови можности“ се одржа и панел сесијата „Социјални и здравствени политики во време на криза“ на која се дебатираше за ефектите од антикризните мерки, воведувањето на новите методологии за раст на минимална плата и пензиите, воспоставување на социјалните услуги и сервиси и обезбедување на нивна одржливост.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска се осврна на она што ја одбележа 2022 година, кои се плановите за 2023 година и кои се клучните промени од кои директна придобивка имаат граѓаните. Таа зборуваше за имплементацијата на законското решение недела-ден на неделен одмор, кое ги унапредува работничките права, измените во законот за минимална плата, со кое минималната плата се дефинираше на 18.000 денари и новата методологија за усогласување на минималната плата, со која се обезбедува нејзин постојан раст.
Пензионерите како една од ранливите категории, беа вклучени и во финансиската поддршка во време на економско-енергетска криза. Покрај паричната помош од 3000 денари, за околу 330.000 пензионери, пензионерите со пониски пензии од 14.000 денари се дел од последниот пакет антикризни мерки.
Претходно сите приматели на гарантирана минимална помош добија финансиска поддршка од 3000 денари, за месеците март, април и мај, а тоа се околу 38.000 наши граѓани кои живеат во социјален ризик. Исто така, помош од 1000 денари, како надоместок за покривање на дел од трошоците за енергенси, во време на грејна сезона од октомври до март добиваат корисниците на гарантирана минимална помош и правото на социјална сигурност. Тоа се над 46.000 домаќинства на месечно ниво.
Министерката зборуваше и за деинституционализацијата-процес кој успешно се спроведува во нашата држава. Како дел од овој процес е и воспоставувањето на нови станбени единици за живеење со поддршка. Само изминатава 2022 година, отворени се 16 станбени единици за живеење со поддршка за 80 корисници.
Потпишан е Договор за изведба со кој ќе се спроведе трансформација и адаптација на Заводот за рехабилитација на деца и младинци од Скопје (кои досега обезбедува резиденцијални услуги) во модерен рехабилитациски сервис и кој ќе обезбедува најразлични видови на индивидуализирани услуги за децата со попреченост, за кои се обезбедени средства од 1,4 милиони евра од ИПА 2019 – ЕУ. Дополнително и министерството одвојува средства за оваа намена.
