Македонија на 85-то место според индексот на корупција на ТИ
Македонија e рангирана на 85-то место меѓу 180 земји во светот според Индексот за перцепција на корупцијата за 2022 година на „Транспаренси Интернешнл“. За да се гарантира одговорност и да се демонстрира искрена волја за борба со корупцијата, Владата мора да обезбеди соодветни ресурси и да ја гарантира независноста на Комисијата за спречување корупција...

Недоволниот интегритет при избор на клучни фигури во судството и неефикасното водење на постојните случаи против корупција се причина земјава да се најде на 85-то место од 180 светски држави според Индексот за перцепција на корупцијата. Според извештајот што го објави „Транспаренси Итернешнел“ за минатата година, во споредба со 2021 година индексот е зголемен само за еден поен или за две места. За да се гарантира одговорност и да се демонстрира искрена волја за борба со корупцијата, Владата мора да обезбеди соодветни ресурси и да ја гарантира независноста на Комисијата за спречување корупција и другите институции одговорни за истражување корупција и организиран криминал.
И покрај малиот напредок, Македонија и понатаму останува една од најлошите држави во регионот според перцепцијата на корупција. Пред нас се наоѓаат Словенија, Грција, Хрватска, па дури и Црна Гора и Бугарија, за нијанса е и Косово. Полош скор имаат само Србија и Албанија и Босна и Херцеговина. Лидери против корупцијата се Данска, Финска и Нов Зеланд, а како најкорумпирани земји во светот се Сомалија, Сирија и Јужен Судан.
Фиљана Кока
