Османи-Џоана

Соработка меѓу ОБСЕ и НАТО за враќање на стабилноста

31.01.2023 11:25

НАТО и ОБСЕ имаат важна улога во зачувувањето на европската безбедност. И двете организации се засновани на принципи и вредности, кои во случајот на ОБСЕ се грубо прекршени со воената агресија на Украина. Постои простор за соработка за враќање на безбедноста и стабилноста во Европа и светот, заклучиле актуелниот претседавач со ОБСЕ, Османи и заменикот генерален секретар на НАТО, Џоана по средбата во седиштето на НАТО во Брисел.

Првата посета на претседавачот со ОБСЕ во седиштето на НАТО искористена за разгледување на можностите за соработка на двете организации за запирање на руската агресија во Украина. Шефот на дипломатијата Османи истакнал дека единствен начин за запирање на војната во Украина е враќање на Русија на потпишаните документи на ОБСЕ.

„ОБСЕ и НАТО имаат важна улога во европската безбедносна архитектура и за идната стабилност и безбедност на нашиот континент. Двете организации се основани на принципи и вредности. На Северна Македонија ѝ е доверено да биде чувар на овие вредности и тука сум да повторам дека единствениот начин за решение на војната во Украина е враќање на обврските од хелсиншкиот документ. Нашата клучна грижа на нашето претседателство ќе биде Украина. Ќе го повторам она што го реков во Киев пред две недели и во Виена, агресијата мора да запре, човечките жртви и страдањето се неприфатливи. Но мораме да се фокусираме и на други проблеми што се создаваат како резултат на оваа агресија и на тензиите“, изјави шефот на дипломатијата Османи.

Од НАТО повторена поддршка на напорите на ОБСЕ за стабилизација на Европа со ставање крај на руската агресија во Украина.

„Живееме во време кога Русија го потресе овој свет. Бруталната агресија на Украина не е само брутален напад врз независна демократска држава во Европа туку е напад врз вредностите што ни се драги. Русија е дел од документите на ОБСЕ, на Обединетите нации и НАТО-Русија. НАТО и ОБСЕ имаат многу блиско партнерство. Соработуваме од киберодбрана, борба со тероризмот, безбедност на луѓето. Работиме заедно со многу сојузници во рамките на ОБСЕ, на транспарентност и контрола на оружјето. Како човек кој беше на вашето место пред неколку години и на кого Северна Македонија му е многу драга, ви посакувам среќа со претседателството со ОБСЕ, што ме прави среќен да бидам пријател на оваа важна функција“, изјави Мирчеа Џоана, заменик- генерален секретар на НАТО.

Османи како актуелен претседавач со ОБСЕ и заменик-генералниот секретар на НАТО Џоана разговарале и за последиците од руската агресија во Украина, енергетската и економската криза.

Ирина Гелевска