Франција

Протести во Франција против пензиската реформа

31.01.2023 12:02

Нов ден на протести во Франција против пензиската реформа, штрајк во јавниот транспорт, блокирани средни училишта и факултети, синдикатите очекуваат меѓу 1 и 1,2 милиони лица на демонстрациите ширум Франција со закана – ако Владата не отстапи ќе има последици. Од десницата, која е единствениот сојузник на Макрон во парламентот за изгласување на реформата, се праќа порака до Макрон, „никогаш не победуваме против Французите“...

Францускиот претседател Емануел Макрон, може да биде загрижен, тој успеа да ги мобилизира синдикатите против неговата реформа на пензискиот систем, која, меѓу другото, предвидува поместување на прагот за заминување во пензија од 62 на 64 години. На 19 јануари на улиците излегоа 1,2 милиони противници на реформата, денес се очекуваат исто толку многу. Разликата е што социјалните протести покрај јавниот транспорт се проширија и врз средните училишта, од кои денес се блокирани 200, а се јавува и за блокади и на универзитетите, како школата за политички науки во Париз.

Синдикатите настапуваат обединето, барајќи отстапки од Владата и претседателот, кои барем засега не сакаат да попуштат. „Ако Владата не ја смени позицијата, вечерва ќе има последици“, се заканува Филип Мартинез, лидерот на синдикатот СГТ.

Интерсиндикатот, што ги обединува осумте главни француски синдикални централи, планира да се состане вечерва пред да излезе со својата позиција. За лидерот на синдикатот СГТ, „тонот што го користат премиерот и претседателот на Републиката е прилично провокативен и веројатно нема да ги смири работите“.

„Ако Емануел Макрон и неговата Влада не разбрале дека Французите не се непријателски настроени кон реформите, туку дека се непријателски настроени кон неправедните реформи, тоа е затоа што тој не ја разбрал земјата“, изјави изутринава на Еуроп1, генералниот секретар на Републиканците Орелиан Прадие. Ако тој вели дека е „за пензиска реформа“, тој дополни дека она што го предложи извршната власт „е неправедно бидејќи ги казнува оние што почнале рано да работат, ако Емануел Макрон сака да се занимава со одмерување на силите, тој вели дека ќе го загуби тоа одмерување на силите, затоа што никогаш не се победува против Французите“.

Имено, според последната анкета на Одокса за парламентарниот ТВ-канал, 64% од испитаниците сметаат дека „ако земјата доживее големи блокади поради мобилизацијата против пензиската реформа“, главниот виновник ќе биде Владата.

Оценките за популарност на Емануел Макрон и Елизабет Борн покажуваат пад од пет поени за месец и пол за да се смират соодветно на 36% и 31%, според анкетата на Odoxa за Јавниот сенат и регионалниот печат објавена во вторникот.

Речиси две третини од анкетираните Французи (63%) веруваат дека Емануел Макрон не е „добар претседател на Републиката“ и 66% дека Елизабет Борн не е „добар премиер“, наспроти позадината на спорните пензиски реформи. Според овој институт, ова е најниската стапка на популарност за премиерката од нејзиното доаѓање во Матињон во мај. „Оваа ниска точка никогаш не ја достигна неговиот претходник Жан Катекс“, забележуваат авторите на студијата.

 

Тони Гламчевски