Руско-украински конфликт

Тревога за опасност, Москва ја поместува линијата

31.01.2023 12:33

Тревога за воздушна опасност, Москва ја поместува линијата на фронтот. Киев тврди – спречивме напад во Угледар. Русија и Белорусија на еднонеделна обука за најавените воени вежби. Вашингтон нема да испраќа борбени авиони Ф-16 во Украина...

Тревога за воздушна опасност низ Украина. Москва ја поместува линијата на фронтот на истокот. Русија и Белорусија на еднонеделна обука за најавените воени вежби. САД за неколку недели ќе почнат да ги испраќаат ветените тенкови „Амбрамс“. Администрацијата во Вашингтон нема да испраќа борбени авиони Ф-16. Франција не ја исклучи можноста за ваков потег, но под одредени услови.

„Зависи од барањата што се упатуваат, а не од гласините што се шират наоколу. Тие не се формулирани досега, но секогаш кога ги добиваме овие барања, ги разгледуваме и гледаме што мислиме дека може да биде корисно, што можеме да направиме и во рок. Критериумот е дека овие испораки не треба да го ослабат капацитетот на француската армија да ја заштити својата територија и нашите граѓани“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

ОН соопштија дека во борбите за време на викендот во Украина загинале и биле повредени цивили. Оштетени биле критични објекти, меѓу кои и неколку болници.

„Иако имаме ограничен пристап до областите кои не се под украинска контрола и не можеме независно да го потврдиме бројот на жртвите, јасно е и треба да се повтори дека меѓународното хуманитарно право забранува неселективни напади и бара од страните да ги преземат сите можни мерки на претпазливост за да се избегнат или минимизираат цивилните штета. Ги повикуваме двете страни да ги почитуваат овие обврски“, рече Стефан Дујариц, портпарол на генералниот секретар на ОН.

Украинскиот претседател Зеленски и се заблагодари на Данска што волонтирала да стане покровител на разорениот град Миколаев и да го води патот во повоената реконструкција.

„Во Миколаев посетивме болница каде што се наоѓаат нашите војници. Им се заблагодаривме на лекарите и медицинските сестри. Ги поддржавме нашите бранители. Сакам да ѝ се заблагодарам на Данска за подготвеноста да и помогнат на Украина“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Борбите во источна Украина се во ќорсокак според украинските официјални лица. Завојуваните страни ги зголемија потребите за воени конфликти што се очекуваат во наредните недели.

 

 

Марина Ристова