Охрид

Востановена нова награда во рамките на „Прличевите беседи“

31.01.2023 14:19

Во рамките на годинашните „Прличеви беседи“ покрај главната награда за најдобра поема за изминатата година, Охридската библиотека востанови нова награда за помлади автори под наслов „Најдобра беседа за Прличев“. Целта е младите да почнат да пишуваат не само како во времето на ловороносецот, туку и за ова ново бурно време исполнето со предизвици, но сепак во духот на беседите на Прличев, кои ги држел пред своите сограѓани...

„Прличев и ние“ беше насловот на конкурсот за најдобра беседа на кој пристигнаа 7 дела на автори од 15 до 30 години, а наградите за најдобрите три ќе бидат доделени на 6-ти февруари во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“. Прличев низ историјата не е познат само по пишувањето на поеми, туку и по своите беседи коишто тој ги држел секоја недела во црквата Света Богородица Перивлепта пред своите сограѓани.

„Прличев не е познат како што реков само по Сердарот и поемите, туку по она што го зборувал и по борбата која ја имал во тоа свое време заедно со својот охридски народ, потенцирам охридски народ или своите сограѓани против фанаријотството и од друга страна против егзархијата“, изјави Милчо Јованоски, директор на НУ Библиотека „Григор Прличев.“

Токму неговите беседи треба да бидат инспирација за младите автори да создаваат дела и за ова ново време полно со предизвици во духот на Прличев.

„Да ги поттикнеме младите во пишувањето есеи кои се многу блиски до ова што ние го бараме како беседа од едноставна причина што на тој начин ќе го научат изразувањето со цели естетско хуманистички вредности, без да пишуваат празни флоскули, туку да се задржат на минатото прегледано во историјата и од тоа да имаме едно огледало за иднината“, изјави Милчо Јованоски, директор на НУ Библиотека „Григор Прличев.“

Охридската библиотека по повод 70 годишнината од кога институцијата го носи името на Прличев ќе промовира и монографија која ја изработи Јованоски, што всушност е продолжение на претходната, а во која се содржани последните 25 години.

 

 

Сашо Нелоски