Македонија

Ковачевски очекува подобрување, ВМРО-ДПМНЕ обвинува за лошата состојба со корупцијата

31.01.2023 14:43

Со напредок од еден поен во однос на 2021 и скок за две позиции, Македонија бележи благо придвижување во позитивна насока на ранг-листата според Глобалниот индекс за перцепција на корупција за лани, објавен од „Транспаренси Интернешнл“. Премиерот Ковачевски очекува подобрување со почетокот на преговорите за влез во ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ пак за лошата состојба, прстот го впери кон актуелната власт...

Македонија на 85-то место, со 40 поени, меѓу 180 земји во светот, според Индексот за перцепција на корупцијата за 2022, стои во извештајот на „Транспаренси Интернешенал“. Има мал напредок во борбата со корупцијата, но сè уште сме далеку од врвот на листата. За да се демонстрира искрена волја за борба со корупцијата, Владата мора да обезбеди соодветни ресурси и да ја гарантира независноста на Комисијата за спречување корупција и другите институции одговорни за нејзино истражување

Премиерот Ковачевски очекува подобрување на состојбата со влезот на Македонија во Европската унија.

„Ние веќе работиме на дигитализација на судскиот систем, односно интероперабилно поврзување на судовите со институциите со кои најмногу разменуваат информации. Исто така, унапредувањето на законодавството е пред нас со оглед на тоа дека скринингот во делот на владеењето на правото заврши и веќе за неколку месеци можеме да ги имаме извештаите на Европската унија во делот на критериумите што ќе треба да ги исполниме. И самиот пат кон полноправно членство во ЕУ значи и подобрување на законската регулатива, спроведување на законската регулатива, унапредување на институциите и нивната ефикасност“, нагласи Ковачевски.

За ваквата состојба со степенот на корупцијата, според ВМРО-ДПМНЕ, главен виновник е актуелната Влада на Ковачевски.

„Со Ковачевски и Ахмети наместо во ЕУ, Македонија отиде во друштво со Суринам, Индија и Тунис. Тоа е така зашто криминалот и корупцијата станаа заштитен знак за премиерот, со бизниси во енергетика и фирми чие броило се зголемува додека салдото на граѓаните се намалува и народот осиромашува“, рече Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

И покрај малиот напредок, според перцепцијата на корупција, Македонија и натаму е една од најлошите држави во регионот. Пред нас се Словенија, Грција, Хрватска, Црна Гора и Бугарија, па дури и Косово. Полош резултат имаат само Србија, Албанија и Босна и Херцеговина. Лидери против корупцијата се Данска, Финска и Нов Зеланд, а најкорумпирани земји во светот се Сомалија, Сирија и Јужен Судан.

 

 

Милчо Велески