Зголемена безбедност на 4-ти февруари
И македонското и бугарското министерство за вантрешни работи ќе направат сѐ за да не им се остави простор на радикалите кои сакаат да го нарушат односот меѓу двете држави, вели министерот Спасовски во пресрет на чествувањето на годишнината од раѓањето на великанот Гоце Делчев. Нагласи дека институциите функционираат и се должни да ги обезбедат сите мерки и активности. Упати апел граѓаните да не подлегнуваат на повици…

МВР ги презема сите потребни активности за обезбедување мирно и безбедно чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, изјави министерот Оливер Спасовски. За оваа намена, рече тој, во МВР работи штаб во кој има претставници од АНБ, од Агенцијата за разузнавање и за воено разузнавање каде се споделуваат информации за тоа што се очекува на 4 февруари. Засега нема одлука дали европратеникот Ангел Џамбаски ќе биде пуштен во земјава, Спасовски вели – одлука ќе следува врз основа на сите анализи.
„Нема да дозволиме никаква ескалација на состојбата, нема да дозволиме како држава никаков инцидент и ниту јас ниту МВР нема да дозволиме никакво понижување на македонскиот народ и на македонската држава од кој и да доаѓа“, нагласи министерот Спасовски.
Спасовски упати апел до граѓаните да не подлегнуваат на повици и да не преземаат надлежност што е во ингеренции на институциите.
„Минатото покажа, дека они коишто ги мотивираат луѓето, наводно, да ја чуваат демократијата, државата, националноста и итн., тие остануваат нечепнати, оние коишто посегнуваат по државата, по институциите сега се наоѓаат по затворски институции“, изјави министерот Спасовски.
Претходно и премиерот Ковачевски изјави оти на граѓанин од друга држава што претставува опасност може да не му биде дозволен влез земјава, и појасни дека МВР го применува законот за странци. Премиерот повтори дека МВР со одлука на Владата е задолжено да го обезбедува настанот, односно да обезбеди достоинствено одбележување.
Анита Димитријевска-Велковска
