Франција

Протести во Франција против пензиската реформа

31.01.2023 16:12

Нов бран демонстрации ја парализираа Франција. Синдикалните организации се против плановите на Макрон, да ја зголеми старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години...

Нов бран демонстрации ја парализираа Франција. Стотици илјади луѓе излегоа на улиците во речиси сите градови. Синдикалните организации се против плановите на претседателот Макрон да ја зголеми старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години. Во прекин е работата на училиштата, јавниот транспорт и рафинериите. Голем број полициски службеници се распоредени да ги покриваат демонстрациите.

„Можеме да видиме дека компаниите ги охрабруваат луѓето да заминат многу порано во пензија. Тоа е доста вообичаено“, изјави Филип Лежандре-пензионер од регионот Бордо.

„Во зависност од макотрпноста на работата, одењето на таа возраст во пензија е невозможно“, рече Мари-Ноелин-Мвамба – агент за недвижности во Париз.

Според анкетите, две третини од гласачите на Макрон се против измените што ќе бидат на дневен ред во парламентот наредната недела. Левичарските законодавци, кои се борат во парламентот против плановите на Макрон, сметаат дека земјата е исправена пред клучен предизвик.

„Не мислам ништо добро за пензиската реформа. Луѓето се истрошени до возраста за пензионирање, па зошто да им даваме дополнителни години? Не вреди!“, изјави Стефан Гиварх-пензионер.

„Има многу работа – одиме, стоиме во текот на целата услуга, осум часа. 64 години е многу за мене“, рече вработена во угостителство.

Официјален Париз предупреди, дека пензискиот систем е во колапс, бидејќи односот меѓу вработените и пензионерите драстично се менува. До одреден степен може да ги променат деталите од нацрт-законот, но откажувањето од зголемувањето на старосната граница за пензионирање не е опција. Со 62 години, возраста за пензионирање во Франција е пониска од повеќето западноевропски земји.

 

Маријана Димовска