Седница на Уставниот суд
На дневен ред на денешната седница на Уставниот суд се две иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права...

На дневен ред на денешната седница на Уставниот суд се две иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права.
Судиите ќе расправаат по иницијативата поднесена на член 132 од Законот за безбедност на храна. Во иницијативата, поднесена од Игорчо Точев, се наведува дека не е пропишана состојбата на утврдени неправилности и поради тоа оваа одредба може да доведе до неконзистентно толкување при нејзина примена.
На денешната седница ќе биде разгледана и иницијативата поднесена на член 12 став 6 од Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи, поднесена од Македонско здружение на млади правници Скопје преку адвокатката Павлина Зефиќ.
Во иницијативата се наведува дека Правилникот е штетен за осудените лица и предизвикува правна несигурност бидејќи е пропуштена можност министерот за правда подетално да го уреди прашањето на регресирање и прогресирање на осудените лица во полиберална група со донесување на општ акт како што е сторено со прашањата за распоредување, класификација и разместување на осудени лица согласно член 19 став 2 и став 3 од Законот за извршување на санкции.
На дневен ред на седницата е барањето од Антонијо Милошоски од Кичево, кој е застапуван од адвокатот Петро Јанура. Во барањето се оспорени Обвинителен акт КО.бр. 3998/19 од 24 август 2020 година на Основното јавно обвинителство Скопје поднесен до Основниот кривичен суд Скопје и Решение 11 К-ООА бр. 96/2020 од 7 октомври 2020 година на судија за оценка на обвинителен акт на Кривичниот суд Скопје-Кривичен оддел.
Подносителот во барањето наведува дека му е повредено правото на забрана на дискриминација по основ на политичка припадност и политичко уверување во смисла на член 110 алинеја 3 и член 9 од Уставот со покренување на обвинение кое потоа е одобрено од судија за оценка на обвинителен акт во Основниот кривичен суд Скопје.
