Продолжува комисиската расправа за предлогот Јовески да биде уставен судија
Седницата по неколкумесечна пауза продолжи вчера, а опозицијата повторно со долги говори бараше владејачките партии да го повлечат предлогот Јовески да биде кандидат за уставен судија.

Собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе ја продолжи расправата за предлогот Љубомир Јовески, актуелниот републички јавен обвинител, да биде избран за уставен судија.
Седницата по неколкумесечна пауза продолжи вчера, а опозицијата повторно со долги говори бараше владејачките партии да го повлечат предлогот Јовески да биде кандидат за уставен судија.
На Комисијата за прашања на изборите и именувањата имаше девет предлози за уставни судии, три од владејачкото мнозинство и шест од опозицијата. Освен овие тројца, за уставни судии беа предложени и професорката Родна Живковска, пензионираниот професор Саво Климовски, шефот на Вишото обвинителство од Штип, Тодор Витларов, охридскиот обвинител Воислав Димоски, управната судија од Битола, Весна Јовановска и пензионираниот гостиварски судија Бранко Секулоски.
Во меѓувреме во пензија замина и уставната судијка Вангелина Маркудова, така што Собранието треба да започне постапка за избор на уште еден уставен судија.
Минатата недела од Уставниот суд повторно упатија апел до Собранието да се изберат тројца судии со цел судот непречено да функционира како што е предвидено со Уставот.
