Снежна бура предизвика колапс во САД
Невреме парализираше голем дел од југот на САД. Во Остин, Тексас, регистрирани се сообраќајни несреќи во кои има жртви. Предупредувања за влошени временски услови се издадени сè до западна Вирџинија...

Зимското невреме парализираше голем дел од југот на САД. Откажани се над 1.700 летови, а блокиран е и сообраќајот на меѓудржавниот автопат низ Арканзас. Во Остин, Тексас, регистрирани се сообраќајни несреќи во кои има жртви. Полицијата во округот Тревис добивала повици за нови судири на секои три минути.
„Поради мразот, многу патишта во Тексас ќе бидат опасни и во наредните 24 до 48 часа. Бидете внимателни, може да наидете на голомразица кога возите и да не знаете дека, всушност, поминувате врз мраз. Ако запрете во тој момент, можно е целосно да ја загубите контролата врз возилото. Секој што мора да вози, треба да биде многу внимателен во однос на условите бидејќи окото можеби нема да ја воочи опасноста пред вас“, изјави Грег Абот, гувернер на Тексас.
Пријавени се околу 7.000 прекини на снабдувањето со електрична енергија поради замрзнати далноводи и паднати дрвја. Метеоролозите прогнозираат и дожд и град.
„Националната агенција за метеорологија најавува зимска комбинација, првенствено од замрзнат дожд, во западните, централните и северните делови на Тексас, како и поларни температури во текот на викендот. Поројни дождови и поплави се можни в четврток во централен, источен и југоисточен Тексас“, изјави Грег Абот, гувернер на Тексас.
Училиштата се затворени, а наставата се изведува онлајн и во Оклахома и Арканзас. Предупредувања за влошени временски услови се издадени сè до западна Вирџинија.
Маја С. Филдишев
