УКИМ

Ректорот Јанкуловски стана витез од националниот ред за заслуги на Република Франција

01.02.2023 12:53

Орденот за национални заслуги на Република Франција е воспоставен во далечната 1963 година од страна на генералот Шарл Де Гол, како едно од најпрестижните француски одликувања со кој се наградуваат лица, Французи или странци, кои имаат особени заслуги за Република Франција...

Амбасадорот на Република Франција во Република Северна Македонија, Сирил Бомгартнер на 31 јануари 2023 година на свечен начин на ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Никола Јанкуловски му додели Орден за национални заслуги на Франција. Со ова високо признание ректорот Јанкуловски стана Витез од Националниот ред за заслуги. Орденот за национални заслуги на Република Франција е воспоставен во далечната 1963 година од страна на генералот Шарл Де Гол, како едно од најпрестижните француски одликувања со кој се наградуваат лица, Французи или странци, кои имаат особени заслуги за Република Франција.

Церемонијата се одржа во присуство на блиските, соработници, пријатели, министер за здравство Беким Сали, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, гувернерката на Народна банка на РСМ Анита Ангеловска Бежовска, г.г. Стефан, Архиепископ Охридски и македонски, католичкиот бискуп монсињор Киро Стојанов, и гости од економскиот и културниот живот во земјава.

Амбасадорот Бомгартнер, исто така, ги нагласи заложбите и несебичната поддршка на ректорот Јанкуловски за издавањето двојна диплома по применети странски јазици помеѓу УКИМ и Универзитетот во Кајен.

Заблагодарувајќи се на високата чест укажана со доделувањето на Орденот за национални заслуги на Република Франција, ректорот Јанкуловски рече: Ова одликување за мене е голема чест и мотив да продолжам по патот кој го одбрав – да и служам на мојата земја со сиот свој личен и професионален капацитет и сето свое знаење и енергија да ги употребам во продлабочување на соработката на нашата земја со Република Франција, посебно во делот на академската соработка која отвора нови хоризонти за нас, која создава дополнителни вредности а тоа се слободната мисла, демократија и просперитет. Мојата цел е да придонесам колку што можам во зацврстувањето на европските вредности на нашиот универзитет, но и на мојата држава.