Скопје

Приватните превозници најавуваат нови блокади

01.02.2023 14:05

Ако нема решение за долгот приватните превозници повторно ќе излезат на улица. Не отстапуваат од барањето за прием кај градоначалничка на Скопје Арсовска и кај премиерот Ковачевски. Доколку тоа деновиве не се случи, велат, единствено излезно решение за нив е протестот...

Приватните превозници најавуваат нови блокади од понеделник. Се заканија дека ако нема решение за долгот, повторно ќе излезат на улица. Не отстапуваат од барањето за прием кај градоначалничка на Скопје Арсовска и кај премиерот Ковачевски. Доколку тоа деновиве не се случи, велат, единствено излезно решение за нив е протестот. Откако премиерот Ковачевски посочи дека Владата нема ингеренции во делот на јавниот превоз во Скопје, превозниците очекуваат тој да има функција на медијатор.

Приватните автобуски превозници неделава пред седиштето на ЈСП побараа средба со директорот за решавање на проблемот со долгот, но беа одбиени со образложение дека тој е на состанок. Тие пред нова година, во знак на добра волја за да му дадат шанса на дијалогот одлучија да ги тргнат автобусите од скопските улици, но сега, нивното враќање на коловозите станува се поверојатна опција.

Скопје повеќе од два месеца е без приватен превоз, откако градоначалничката Арсовска ги раскина договорите со превозниците „Слобода превоз“ и „Макекспрес“.

Арсовска досега категорично отфрлаше дека градот има долг кон приватните превозници.

 

 

Ана Јосифоска Тодоровска