Продолжуваат преговорите меѓу СДСМ и Алијанса на Албанците
Тимовите на СДСМ и на Алијанса за Албанците продолжуваат со разговорите за учество на партијата на Таравари во Владата. Најголем дел од програмските цели усогласени. Официјално не се откриваат детали за кадровските решенија. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, новата соработка ја нарече „естрадна коалиција“…

Тимовите на СДСМ и на Алијанса за Албанците ги продолжуваат преговорите. Засега без детали за реконструкција на Владата со евентуалното влегување на партијата на Таравари во коалицијата. Неделава ќе ги договараат министерските места кои треба да ги отстапат Социјалдемократите.
Министерството за правда подолго време е на лицитација за новиот коалициски партнер во Владата. Министерот Тупанчески смета дека брзата промена на министри не е најдобро решение.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, новата соработка ја поистовети со естрада. Мицкоски ја нарече „естрадна коалиција“, која нема да придонесе во подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Таа постои да се задоволат некои лични и партиски интереси, вели првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски сè уште оптимист дека структури кои се дел од владејачкото парламентарно мнозинство ќе се охрабрат да не гласаат за политиките на власта, со што ќе доведе до предвремени избори, но од друга страна, не е уверен дека 10-те месеци до редовните избори следната година реално ќе ја подобрат состојбата во земјава.
Марина Стојанова-Тонева
