МТСП

Јавна расправа за новиот Предлог закон за работни односи

01.02.2023 14:22

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска упати на важноста на оваа јавна расправа и можноста да се слушне мислењето на судиите и адвокатите кои го применуваат законот, како и на професорите теоретичари на трудовото право, а во насока на креирање на квалитетно законско решение и негова успешна имплементација...

Во Клубот на пратеници денеска се одржа јавна расправа за новиот Предлог закон за работни односи на која од страна на претставниците на Министерството за труд и социјална политика беа презентирани клучните новини во новото предлог законско решение, пред претставниците на адвокатската комора, адвокати, судии, јавни обвинители, професори и експерти по трудово право, претставници на здружение на млади правници и здружение на трудово и социјално право, како и претставници на Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за вработување на Северна Македонија.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска упати на важноста на оваа јавна расправа и можноста да се слушне мислењето на судиите и адвокатите кои го применуваат законот, како и на професорите теоретичари на трудовото право, а во насока на креирање на квалитетно законско решение и негова успешна имплементација.

Дел од новините со Предлог законот за работни односи се времетраењето на договорите на определено време, односно од досегашните пет години, се скратува на две години и обновување на договорите три пати во рокот од две години. Промена има и кај договорите за вработување на определено време за вршење на сезонски работи, и можноста работодавачот да ги плаќа придонесите на сезонскиот работник сите 12 месеци, со обврска дека работникот и следната сезона ќе работи за истиот работодавач. Работниците на неполно работно време, во однос на правата и обврските од работниот однос, се изедначуваат со работниците на полно работно време, освен кај платат и надоместоците од плата кои се пропорционални со работните часови на работникот.

Се воведува и работата од далечина, како одговор на потребите кои произлегуваат од развојот на дигитализацијата и искуствата со ковид кризата.

На јавната расправа се дебатираше и за колективните договори и нивното важење, како и постапувањето на Државниот инспекторат на труд, кој како контролен орган го врши надзорот над примената на законските прописи.

Јавните расправи продолжуваат и во текот на месец Февруари, по што ќе биде дебатиран и на Економско социјалниот совет, пред да се предложи за усвојување од страна на Владата на Република Северна Македонија и негово влегување во собраниска процедура.