МОН

Над 90 отсто од учебниците се доставени

01.02.2023 14:27

Од идната година со новите наставни програми, согласно Концепцијата, ќе бидат опфатени трето и шесто одделение, а сега Шаќири ветува дека сите учебници ќе бидат доставени до 1 септември...

Над 90 отсто од учебниците за прво, второ, четврто и петто одделение се доставени, деновиве ќе го испорачаме и остатокот, уверува министерот за образование Шаќири откако цело полугодие учениците беа оставени без книги и учеа од други материјали. Од идната година со новите наставни програми, согласно Концепцијата, ќе бидат опфатени трето и шесто одделение, а сега Шаќири ветува дека сите учебници ќе бидат доставени до 1 септември.

„За прво одделение се доставени учебници по сите предмети и за сите наставни јазици, освен за предметот Општество кој изминатата недела е одобрен во Националната комисија за учебници. Во второ одделение дистрибуирани се сите учебници, освен за предметите Математика и Општество кои денеска и утре се доставуваат во сите училишта. Со завршување на трето и шесто по новата Концепција, мислам дека ќе ги имаме сите учебници во септември зашто немаме оправдување за временските рокови кои се законски“, изјави Шаќири.

По низата грешки и пропусти во учебниците кои предизвикаа револт во јавноста, Шаќири открива дека се спремени забелешки за два учебници, меѓу кои и за дадениот пример со ДУИ во учебникот по Албански јазик за петто одделение. Во електронската форма е веќе направена корекција, се работи да се достави дополнителен материјал за корекција на учебниците во печатена форма. За учебникот по „Историја и општество“ за петто одделение, каде што имаше низа пропусти и неточни податоци, забелешките кои стигнале до МОН се доставени до авторите. На објавениот повик за рецензенти не се пријавил никој.

 

Александра Спировска