Зголемена безбедност

Подготовки за одбележување на 4-ти февруари

01.02.2023 14:34

Во чест на 151 година од раѓањето на Гоце Делчев, в сабота цвеќе на вечното почивалиште на македонскиот револуционер ќе положат претседателот Пендаровски и владина делегација, предводена од премиерот Ковачевски. Полицијата со засилено обезбедување пред црквата „Свети Спас“. Од МВР децидни-нема да се дозволат инциденти, ниту пак провокации. И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски повика на мирно и достоинствено чествување на Делчев. Бугарското МВР подготвено да прати полицајци на чествувањето на 4-ти февруари, ако има такво барање од македонското МВР …

Внатре празно и забрането за снимање, надвор раздвижено и со обезбедување. Подготовки за чествувањето на 151 година од раѓањето на револуционерот. На неколку дена пред одбележувањето на роденденот на Гоце Делчев, полицијата е веќе распоредена околу црквата Свети Спас во Скопје каде што се наоѓа и гробот на македонскиот великан.

В сабота, цвеќе на вечното почивалиште на Делчев ќе положат претседателот Пендаровски и владина делегација предводена од премиерот Ковачевски, информираа од Владата. Од МВР децидни-нема да се дозволат инциденти, ниту пак провокации и навреди на македонскиот идентитет. И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски повика на мирно и достоинствено чествување на Делчев. По најавите дека членови на патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ ќе чуваат стража пред гробот на Делчев, Мицкоски вели дека има информации оти биле повикувани на разговор во МВР.

Бугарија подготвена да испрати полицајци како помош во Скопје.

Ваквата организираност доаѓа по најавите на поединци и групи од Бугарија дека ќе дојдат на гробот на Гоце Делчев. Претседателот Пендаровски, на редовниот состанок на Советот за безбедност минатата недела, побара од институциите да бидат организирани и да не останат неми на провокациите.

Катерина Топалова