Македонија

Претседателот Пендаровски во посета на здружението „Иницијатива за економски развој на ромите – РЕДИ“

01.02.2023 14:40

Претставниците на здружението и зелените агенти го информираа претседателот Пендаровски за нивното функционирање, организирање на индивидуалните собирачи на отпад преку нивно вработување, за воспоставениот систем на примарна селекција на отпадот, како и за нивните натамошни развојни планови...

Претседателот Стево Пендаровски денеска ja посети РЕДИ Рециклажа, социјално ориентирано претпријатие основано од здружението „Иницијатива за економски развој на Ромите – РЕДИ“, каде беше запознаен со нивната работа и процесот на собирање на секундарни суровини од поставените корпи лоцирани во општините Аеродром, Карпош и Кисела Вода.

Претставниците на здружението и зелените агенти го информираа претседателот Пендаровски за нивното функционирање, организирање на индивидуалните собирачи на отпад преку нивно вработување, за воспоставениот систем на примарна селекција на отпадот, како и за нивните натамошни развојни планови.

Во контекст на досегашниот интерес на граѓаните за користење на нивните бесплатни услуги, од РЕДИ Рециклажа информираа дека досега се пријавени над 500 станбени и деловни објекти од кои активно во трите општини се сервисираат 219.

Претседателот Пендаровски ја поздрави иницијативата на РЕДИ и нивниот придонес во заштита на животната средина, борбата за почиста околина и поттикнување на свеста кај граѓаните за селектирање на отпадот.

Воедно, беше истакната важноста од нивна континуирана соработка со граѓаните и партнерски однос со институциите, како предуслов за воспоставување на долгорочно одржлив систем на собирање и селекција на отпад, информираат од кабинетот на претседателот.