Образование

МОН и ОБСЕ потпишаа два меморандуми за унапредување на меѓуетничката интеграција во образованието

01.02.2023 15:33

Денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири и шефот на мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Килиан Вал потпишаа два меморандуми за соработка кои ќе овозможат спроведувањето на проектот „Градиме нови мостови“...

Денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири и шефот на мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Килиан Вал потпишаа два меморандуми за соработка кои ќе овозможат спроведувањето на проектот „Градиме нови мостови“, чија цел е развој на хармонична училишна средина и средина за живеење, подигнување на меѓусебното почитување и разбирање и создавање култура на ненасилство, да продолжи да се спроведува до 2025 година.

„ОБСЕ е наш долгогодишен партнер во напорите за унапредување на меѓуетничката интеграција како многу важна компонента на образовниот систем и воопшто на општеството и нашата држава. Ефектите од проектот „Градиме мостови“ се рефлектираат на многу ученички генерации, нивните семејства и наставниците. Младите од различни етнички и религиски заедници, кои говорат и различни јазици, меѓусебно се поврзуваат преку бројни наставни и воннаставни активности. Заедно учат, се дружат и создаваат пријателства. Заедно ги чествуваат традицијата, верските и културните обичаи“, рече Шаќири.

Тој додаде дека младите денес сфаќаат дека различностите не се причина за конфликт, туку мотив за зближување и за единство.

„Ако пред 20-тина години сликата беше една и веројатно под влијание на повозрасните, често нетрпеливоста се пренесуваше и меѓу младите, денес состојбите се значително променети. Мисијата на ОБСЕ има значаен придонес во тоа. Сега веќе младите добро се разбираат, соработуваат и не гледаат непријателски кон различните етнички и религиски групи. Тоа само потврдува, дека се менува системот на образование и пристапот кон едуцирањето на децата, се менува ставот и нивното размислување и од друга страна, се потврдува дека новите генерации се носители на промените што се случуваат и што треба да се случат“, истакна министерот.

Шаќири изрази благодарност до амбасадорот Вал, потенцирајќи дека со продолжувањето на соработката помеѓу МОН и ОБСЕ, ќе им се даде дополнителна поддршка и стимулација на младите да продолжат заедно да живеат, учат и работат во земјава и како што рече, тука да го реализираат својот потенцијал и заеднички и сплотено да го унапредуваат општеството.

„Заедничките проекти даваат можност училиштата на различни јазици да работат заедно и со тоа ја поддржуваме и подобруваме социјалната кохезија во државата. Мило ми е што нашите меморандуми за разбирање одат рака под рака со мотото на претседателството на Северна Македонија со ОБСЕ „За луѓето се работи“, истакна во своето обраќање амбасадорот Вал, стои во соопштението од Влада.