Еколошката свест на ниско ниво!

03.05.2014 16:58

Македонија има прекрасни излетнички места кои и покрај лошото време сепак беа доста посетени за 1-ви Мај. Но каква е сликата по завршувањето на гозбата и прославата во природа? Еве какво е на тетовското Кале...

Убаво е на Тетовското Кале за 1-ви Мај. Но што оставаме зад нас?

„Пластични шишиња, валкано е, секој што дошол – фрлил“, велат тетовци.

Но, од свеста за негувањето на природата овде се само остатоците од скарите, гозбата и прославата. Некои предлагаат воведување чуварска служба.

„На секој треба свеста да му проработи, без тоа џабе е и чуварска служба“, смета Мирче Петровски.

Тетовското Кале ,кое е на врвот на ридот Балтепе, е секојдневно место за рекреација, но, љубителите на природата велат дека вака се уништуваат сите убавини.

„Ова е се што оставаат нашите граѓани, ова се смета за туристичко место! И во Скопје има кале ама олку ѓубре неможете да видите. Секој како што поминува си фрла“, раскажува Марина Симоновска.

Веројатно едно од решенијата е овде да се постави барем еден контејнер, зошто при прошетка на Тетовското Кале буквално се гази по ѓубре.

„Излетниците што доаѓаат треба да имаат култура. Сето ѓубре да го соберат во едно најлонче“, порачува Оливера Кузмановска.

„Но нема ниту контејнер во кој може да се фрли ѓубрето“, вели Мирче Петровски.

И пристапот до тврдината долго време е отежнат поради срушениот ѕид, но рекреативците велат дека влез во калето со автомобил треба да се забрани за полесно да се пешачи.

 

Зоран Јовановски