Протестен собир на граѓаните од Автокоманда
Жителите на населбата Автокоманда денеска на плоштадот „Коцка“ ќе се соберат да го изразат своето незадоволство, без никој да ги информира, било извршено промена на снабдувачот на топлинска енергија...

Жителите на населбата Автокоманда денеска на плоштадот „Коцка“ ќе се соберат да го изразат своето незадоволство затоа што без никој да ги информира или да побара нивна согласност, било извршено промена на снабдувачот на топлинска енергија. Па така, наместо како досега нивните домови да се греат на „железарското“ парно, во иднина топлина ќе им испорачува ЕСМ Снабдување.
По социјалните мрежи локалното население изразува жестоки реакции против ваквата постапка на надлежните, го повикуваат градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, да реагира и да ги заштити нивните интереси. Во своите коментари тие објаснуваат дека промената ја почувствувале на „своја кожа“ затоа што наместо како досега да имаат греење цела ноќ, сега парното го гаснеле во 22 часот навечер.
Градоначалникот Бобан Стефковски, по прозивките на граѓаните упатени кон него, признава дека дознал дека е во тек ваков процес уште на почетокот на декември минатата година, од писмото кое му го упатиле граѓаните од Урбаната заедница „Автокоманда“. Следниот ден, упатил писмено барање до директорот на АД ЕСМ – Подружница „Енергетика“ Далибор Богдановски, со кое побарал средба за објаснување на ситуацијата, но како што тврди до денеска не добил одговор.
