Напнато на истокот од Украина- расте бројот на жртви

03.05.2014 17:02

Според последните информации украинските сили ја вратиле контролата врз централната зграда на службата за безбедност во Краматорск, јужно од Славјанск...

Продолжуваат судирите меѓу укринските сили и проруските бунтовници на истокот на Украина. Десет лица, најверојатно цивили се загинати во Краматорск, а бројот на жртви во Одеса се искачи на 46. 125 повредени лица биле пренесени во болница по пожарот во зградата на Домот на синдикатите.
 
„Драги граѓани на Одеса, нашиот мултиетнички град секогаш бил пример на мудрост и толеранција. На наша огромна жал, настаните што се случија во изминативе 24 часа резултираа со смртта на 46 луѓе. Повеќе од 200 се хоспитализирани. Им изразуваме искрено сочувство на семејствата на загинатите“, изјави Игор Боршулак, обвинител од Одеса.
 
Според последните информации украинските сили ја вратиле контролата врз централната зграда на службата за безбедност во Краматорск, јужно од Славјанск. Портпарол на рускиот претседател Путин ги оцени жртвите во Одеса како доказ дека владата во Киев ги поддржува националистичките екстремисти. Тој истакна и дека Русија го загубил влијанието врз милициите во источна Украина, додавајќи дека Москва не може сама да ја реши состојбата во земјата.
 
„Првиот куршум мина низ мојата рака. Во тој момент мислев дека ме погодил камен. Паднав долу и се обидов да се довлечкам до ѕидот на трговскиот центар за да се засолнам.  Тогаш ме погодија во грбот и во ногата“, рече Олег Константинов, новинар.
 
Германската канцеларка Меркел и американскиот претседател Обама сметаат дека Русија има одлучувачка улога во конфликтот. Побараа од властите во Москва да го искористат своето влијание и да дадат придонес во намалување на тензијата. Шефот на украинскиот антитерористички центар Василиј Крутов рече дека тоа што се случува на истокот од земјата не екраткотраен бунт, туку вистинска војна. Проруските сепаратисти претходно соборија два воени хеликоптера во Славјанск. Шефот на полицијата во Одеса повика на смирување на состојбата во градот каде што е прогласена тридневна жалост.
 
 
 
Марина Автовска