Скопје

За десетта победа во Прва лига, Пелистер го освои „Кале“

01.02.2023 19:55

Кошаркарите на Пелистер, по вторпат сезонава го надиграа најтрофејниот кошаркарски колектив во Македонија...

Кошаркарите на Пелистер, по вторпат сезонава го надиграа најтрофејниот кошаркарски колектив во Македонија, Работнички и во последниот натпревар од 13. коло од Прва лига, среде Скопје извојуваа голема победа од 79-88.

Иако играа без повредените Стајиќ и Хаџифејзовиќ, битолчани го добија вториот дерби натпревар годинава, по оној против Гостивар пред неполни две недели. Пелистерци, носени од расположениот Кени Карпентер, брилијантно го отворија натпреварот во СРЦ „Кале“ и со својот пристап на играта го изненадија домаќинот.

Тоа донесе рано одлепување и прва двоцифрена предност за битолчани (4-15). „Зелено-белите“ не застанаа по одличниот старт и продолжија во ист стил, па во еден момент на семафорот стоеше дотогаш максимални +17 (6-23). Во финишот од втората четвртина, играта на Пелистер неочекувано падна и домаќинот искусно го искористи тоа, влезе во ритам и на полувреме замина со негатива од само четири поени (42-46).

Карпентер со 30 поени, од кои 20 во првото полувреме, беше најпрецизен во таборот на Пелистер. Кај Работнички, пак, 20 поени имаше поранешниот пелистерец Малешевиќ, а Форте натпреварот го заврши со 19 поени.