Македонија е во просекот според затворската популација во Европа
Затворската популација во Европа се зголемува, покажува анализата на Советот на Европа за затворите во 47 земји-членки на организацијата. Европските затвори се преполни иако за една година бројот на затворениците се намали за 100 000, сепак во Европа во 2012 година имаше 1,7 милиони затвореници. Во 21 држава ситуацијата е загрижувачка, како во Србија, Италија, Кипар Унгарија или Белгија, произлегува од извештајот на Советот на Европа. Извештајот покажува дека Македонија општо земено с енаоѓа во европскиот просек...

Слично е и во Македонија, каде во последните десет години, стапката на затвореници се зголемила за 56 отсто, односно од 79 на 123 на 100.000 жители. Најголем пораст за една деценија имало во Грузија, каде затворската популација пораснала за 250 отсто, за 117 на Kипар, 89 во Хрватска, а 75 отсто во Турција. За десет години, затворската популација се намалила за 37 отсто во Молдавија, за 23 во Романија, по 20 во Холандија и Украина, а за 12 отсто во Германија. Така, затворската популација во Македонија е под европскиот просек кој изнесува 149 затвореници.
Во земјава, на 100 места во затворите имало по 106 затвореници, што е над европскиот просек од 98.Во регионот затворите се најнатрупани во Србија со 160 затвореници на 100 места, во Хрватска на толку места има 120 затвореници.
Според Професорот Марчело Аеби од институтот за криминалогија од Лозана, еден од авторите на извештајот,нема потреба од изградба на нови затвори.
„Не, тоа не е решението. Препораката а Советот на Европа има за цел да го поодбри квалитетот на постоечките затвори, но кога с еотвора еден нов затвор потребно е да се затвори еден стар затвор“, вели професорот Аеби.
Македонија дневно троши 10 евра за затвореник, што е десетпати поевтин затворски престој од европскиот просек. Додека секој затворски чувар во Македонија просечно чува пет осуденици.
Најчестата возраст на затворениците во нашата земја е од 30 до 40 години, слично како и во другите европски земји. Земјава има една од најниските стапки на малолетници во затворската популација - 0.2 отсто. Околу 2,4 отсто од затворениците се жени, што е половина од европскиот просек. Само 2,7 отсто осуденици биле странци. Просекот во земјите од Советот на Европа е 20 отсто.
Најголем дел од затворениците во Македонија, 766 од 2.273, биле осудени за имотни деликти, по 299 за кривични дела поврзани со дроги и разбојништва, а 225 за убиство. Најмалку, 11 затвореници, отслужувале казна за тероризам.
Најмногу од осудениците во земјава, околу една четвртина, отслужувале затворска казна од една до три години. Тоа е најчеста должина на казна и во европските затвори. Малку помал процент во земјава отслужувал казна до 5 години. Вкупно 29 лица отслужувале казна доживотен затвор, што е 1,3 отсто од затворската популација. Најголем процент на доживотни казни, 17 отсто, има Северна Ирска.
Во земјава во 2012 година, која е опфатена во анализата, 75 отсто од затворениците што биле пуштени од затвор излегле на условен отпуст пред да ја отслужат целата казна. Европскиот просек е 41 отсто. Во Шведска тој процент е 78, во Романија 86 отсто, во Финска е ист колку во земјава, а на Kипар дури 98 отсто од затворениците излегле од затвор пред истекот на казната.
Македонија е над европскиот просек по процентот на бегства од затвори со 24 бегства на 10.000 затвореници, а европскиот просек е 8,6. Македонија има и натпросечен број на смртни случаи во затворите, 48 на 10.000 затвореници.
Извештајот на Советот на Европа треба да и послужи на секоја земја да ги споредува своите затворски услови со тие на другите земји.
Тони Гламчевски
