Струга

Условна казна за гинекологот Асани, работел во нелегална ординација

02.02.2023 09:51

Казна затвор во траење од две години, но таа нема да се изврши ако осудениот во рок од четири години не стори ново кривично дело. Ова е одлуката на Основниот суд во Струга за поранешниот директор на струшката болница, гинекологот Мухамед Асани, кој пет години работел на црно во нелегална ординација во својот дом. Клучен сведок беше, Јилдаз Веапоска родилката од Дебар која при породување остана без три органи. Дело за кое тече паралелен судски процес против Асани и уште двајца гинеколози од струшката болница...

Судот го осуди гинекологот Мухамед Асани, работел на црно дома во нелегална ординација. Основниот суд Струга донесе пресуда за поранешниот директор на струшката болница, гинекологот Мухамед Асани. Одредена му е казна затвор во траење од две години и истовремено се определува дека таа нема да се изврши ако осудениот во рок од четири години не стори ново кривично дело. Осуден е за давање здравствени услуги без дозвола, прегледувал пациентки и водел бремености од 2015-та до 2020-та година.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат утврди дека во просториите на семејна куќа во Струга опремил ординација која не била регистрирана, за што сведочеа пациентката Јилдз Веапоска и други две родилки.

„Ги доставивме доказите коишто ги имавме за тоа што одевме во неговата ординација бевме сослушани од страна на судот и мило ми е што што се донесе ваква одлука и се докажа дека работел во таква нелегална ординација“, вели Јилдаз Веапоска од Дебар, сведок во постапката.

Жените кои ги прегледувал Асани плаќале за секој преглед, а не добивале никаква документација, ниту сметка.

„Ми наплатуваше за секој преглед 1.200- 1.500 зависи од тоа колку ќе побараше докторот, што интервенција ќе завршеше. Парите му ги дававме во раце, а не добивавме фискална ниту каква било документација“, додава Веапоска.

Докторот Мухамед Асани е првообвинет и во случајот со родилката од Дебар. Заедно со неговиот син Блертон Асани и Лилјана Јованоска, тројцата гинеколози од струшката болница се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето. Поради лекарска грешка при породување го загрозија животот на родилката Веапоска, а таа остана без бубрег, јајник и матка. Овој судски процес продолжува на 10-ти март.

 

Соња Рилкоска