Безбедност

Спасовски: Граѓаните не треба да стравуваат за безбедноста на 4-ти февруари

02.02.2023 10:43

Граѓаните не треба да стравуваат за безбедноста на 4-ти февруари, институциите ќе си ја завршат својата работа, уверува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој гостуваше во „Македонија наутро“ на МРТ1. Додаде дека врз основа на процените ќе биде активиран план којшто ќе придонесе за мирно чествување на 4-ти февруари, кога се одбележуваат 151 година од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев...

Ниту едно здружение или група, не се поорганизирани и поподготвени од државата. Граѓаните не треба да стравуваат за безбедноста на 4-ти февруари, институциите ќе си ја завршат својата работа, уверува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„Граѓаните воопшто не треба да се грижат. Ќе се преземат мерки за чествување без да биде нарушен јавниот ред и мир. Најавите за некакви ноќни стражи се неприфатливи. Државата има институции кои се задолжени за чување на јавниот ред и мир“, изјави министерот Спасовски во гостување во емисијата „Македонија наутро“ на првиот програмски сервис.

Спасовски додаде дека врз основа на процените ќе биде активиран план којшто ќе придонесе за мирно чествување на 4-ти февруари, кога се одбележуваат 151 година од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Од МВР се децидни-нема да се дозволат инциденти, ниту пак провокации.

Во чест на 151 година од раѓањето на Гоце Делчев, в сабота цвеќе на вечното почивалиште на македонскиот револуционер ќе положат претседателот Пендаровски и владина делегација, предводена од премиерот Ковачевски.