Македонија-Бугарија

Пред да се распушти, бугарското Собрание усвои декларација за Македонија

02.02.2023 11:28

На ден пред распуштањето, бугарските пратеници усвоија декларација, со која, како што стои во документот, се осудуваат актите на насилство врз Бугарите во Македонија. Одлуката беше донесена со 184 гласа од 185 пратеници. Еден беше воздржан...

На последниот ден од работата, пред да се распушти, бугарското Собрание, со 184 гласа „за“ и еден „воздржан“ ја усвои декларацијата од 9 точки, со која се осудува, како што се вели, антибугарската реторика во Македонија. Се бара спроведување на Договорот за пријателство, кој според официјална Софија, властите во Скопје не го почитуваат. Во декларацијата се наведува дека Народното собрание категорично ги осудува повиците за насилство врз Бугарите во Северна Македонија, нивните организации и клубови, а особено тешкото злосторство врз Бугаринот Христијан Пендиков, говорот на омраза против локалните Бугари и Бугарија, како и неговите манифестации во политичката, јавната и медиумската средина.

„Се осудува говорот на омраза во Северна Македонија против локалните Бугари и Бугарија, како и неговите манифестации во политичката, јавната и медиумската средина. Се повикуваат властите и институциите во Северна Македонија да преземат сеопфатни, итни и ефективни мерки за борба против говорот на омраза и злосторствата“, стои во декларацијата за Македонија.

Софија бара доследно спроведување на Договорот за добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Македонија од 2017 година. Во декларацијата се наведува дека антибугарската кампања може да го загрози евроинтегративниот пат на земјава.

„Се изразува загриженост дека ескалацијата на антибугарската кампања во Северна Македонија може да го загрози процесот на вклучување на бугарите во Уставот на земјата, како и развојот на демократските процеси и институции во Северна Македонија и нејзиниот пат кон членство во Европската унија, кој им служи на интерес на трети лица“, стои во декларацијата за Македонија.

Според документот, измените во Законот за здруженија и фондации го дискриминираат и намерно го ограничуваат правото на здружување на Бугарите во Македонија. Се нагласува дека заштитата на правата на бугарските граѓани и граѓани со бугарска самосвест во Македонија, мора да се гарантира со инструментите утврдени во преговарачката рамка, одобрена од Европската унија. Документот беше усвоен само ден по средбата на делегација на Македонските Бугари во Европската комисија со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Односите меѓу Скопје и Софија се заладија по инцидентот со секретарот на Бугарскиот клуб во Охрид „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков, кој се лекува на Медицинската академија во Софија. Претседателот Радев издаде декрет за распуштање на 48-то Народно Собрание и назначи привремен владин кабинет. Составот е ист, освен министерот за култура. Парламентарните избори се закажани за 2-ри април.

 

 

Милчо Велески