Блиски Исток

Напад врз Газа, САД повикаа на смиреност

02.02.2023 12:37

Израелската војска со одмазднички напад врз позиции на Хамас на Газа. САД повикаа на смиреност. Израел активен и на друг фронт. Го обвини Иран за нападот во Исфахан и вети одмазда. Французите пресретнаа и запленија негова пратка со оружје наменета за јеменските Хуси...

Блискиот Исток и натаму буре барут. По пресретнатата ракета од Појасот Газа, израелската војска возврати со напад врз позиции кои ги користи Хамас за производство на ракети и оружје. Ни исламистичката група која владее во Газа ни Исламски џихад не презедоа одговорност за тој проектил. Во последните месеци се зголемија тензиите меѓу израелската и палестинската страна, особено по рациите на Западен Брег и судирите во кои има жртви. Крајно-десничарската Влада на Израел и натаму го спроведува планот за уривање на домовите на палестинската заедница.

„Повеќето се загрижени, исплашени, и тажни. Палестинците мора да го поддржат својот народ на Западен Брег за да се соочат со екстремистичката влада која се обидува да ја фалсификува историјата.“

Стејт департментот и натаму инсистира на деескалација на состојбата на критичните точки на Блиски Исток.

„Претседателот Бајден беше јасен – Израелците и Палестинците подеднакво заслужуваат исти мерки на слобода, достоинство, правда и просперитет. И дводржавното решение е единствениот начин да се постигне долготраен мир. САД ќе продолжат да се противат на едностраните чекори кои ги продлабочуваат тензиите и ги поткопуваат напорите за напредок на преговорите за дводржавно решение“, изјави Ведант Пател, заменик-портпарол на Стејт департментот.

Израел го разгорува и фронтот со Иран. Техеран го обвини за нападот со беспилотно летало врз воена фабрика кај Исфахан и вети одмазда. Еврејската држава се закани дека ќе ја активира војската доколку дипломатијата не успее да ги ограничи нуклеарните или ракетните програми на Техеран.

Во меѓувреме, француските поморски сили запленија илјадници пушки и противтенковски проектили во Омански Залив. Пратката од Иран била наменета за јеменските Хуси. Техеран се соочува со зголемен притисок од Запад поради дроновите со кои ја вооружува Русија и насилното задушување на протестите во Иран.

 

 

Маја С. Филдишев