Спасовски: Ќе обезбедиме мирно и достоинствено чествување на 4-ти февруари
Граѓаните не треба да стравуваат за безбедноста на 4-ти февруари, уверува министерот за внатрешни Спасовски. Ниту едно здружение или група, не се поорганизирани и поподготвени од државата, институциите ќе си ја завршат својата работа. Во однос на понудата од бугарската страна за евентуална помош, Спасовски дециден-за тоа нема потреба, македонската полиција е во целост подготвена за справување со секаква ситуација…

Четврти февруари ќе се чествува достоинствено, без никакво нарушување на јавниот ред и мир, и граѓаните воопшто не треба да се грижат, порача во интервјуто за МТВ министерот Спасовски. Оваа држава има свои институции коишто се задолжени за зачувување на јавниот ред и мир. Присуството на полицијата е со цел граѓаните да знаат дека се сигурни, а не да се внесува чувство на вознемиреност. Уверува-согласно со проценките ќе биде активиран и соодветен план.
„Најавите за некакви ноќни стражи се неприфатливи. Државата има институции кои се задолжени за чување на јавниот ред и мир. Врз основа на проценките ќе биде активиран план којшто ќе придонесе за мирно чествување на 4-ти февруари. Нема поединец, нема политичка група која може да биде посилна од државата и тоа треба да ни биде јасно на сите“, изјави министерот Спасовски.
Ниедна политичка партија не може да присвои некој лик и нечие дело. Тој му припаѓа на македонскиот народ. Единствено нешто што го заслужува Гоце Делчев е да имаме достоинствено чествување на негово дело, додава Спасовски.
„Не може да стане збор за политичко чествување. Ниедна политичка партија не може да присвои некој лик и нечие дело. Секој од нас треба да придонесе тоа чествување да биде национално, достоинствено и без никаков проблем, без дополнителни тензии и конфликти“, нагласи министерот Спасовски.
Во однос на понудата од бугарската страна за евентуална помош, спасовски е дециден дека за тоа нема потреба, бидејќи македонската полиција е во целост подготвена да се справи со секакви ситуации. Секој е добредојден, но едно е јасно, дека нема да биде дозволено радикали, поединци или групи да го понижуваат македонскиот народ или да предизвикаат проблеми, додава министерот во интервјуто за „Македонија наутро“ на МТВ.
Фиљана Кока
