Прилеп: За едно полугодие испишани 130 ученици
Трендот на испишување ученици од училиштата и во Прилеп алармантен. За едно полугодие родителите испишале околу 130 ученици од 10-те основни и петте средни училишта за да заминат во странство. Трендот е четиригодишен, бројките се зголемуваат…

Околу 130 ученици од прилепските училишта се испишале само во првото полугодие и заедно со родителите ја напуштиле државава. Ова е сериозна и загрижувачка ситуација која треба да нè замисли, сметаат прилепските учители кои мора секојдневно да ги пребројуваат празните столчиња.
„Ако се земе предвид бројот и од минатите години, ова е состојба која треба да не замисли сите нас возрасните, затоа што ние сме тие кои ги создаваме политиките и ги креираме условите за живот на децата во државата“, изјави Гоце Бумбароски, советник за млади во општина Прилеп.
Во основното училиште „Климент Охридски“, бројките ги нарекуваат поразителни. Трендот е четиригодишен. Од првото полугодие досега останале без 22-јца, а за четири години без 113 ученици.
„Баш утрово примив двајца родители кои сакаат до крајот на неделата да ги отпишат своите деца. Едниот родител има две, а другиот има едно дете. За неполна недела имаме со нив вкупно пет деца кои заминуваат“, вели Ахил Јаков, директор на ОУ „Климент Охридски“ – Прилеп.
Прилеп го држи републичкиот просек, вели советникот за млади Бумбароски. На оваа безизлезна ситуација, мора да се понуди алтернатива.
„И ние наставниците сме родители. За нас ова е една безизлезна ситуација. Се намалуваат паралелките, а со тоа и можностите за напредување“, додава Бумбароски.
Додека го подготвувавме прилогот, уште две деца се испишаа од основното училиште „Климент Охридски“.
Елизабета Митреска
