Градежната експанзија повлекува стотици нови вработувања
Само во последните триесетина дена градежните компании објавија огласи во кои бараат стотици работници од повеќе профили, најчесто со искуство во нискограба...

Инвестициите од 776 милиони евра во изградбата на трите нови автопати што треба да бидат завршени до 2018-та ја раздвижи македонската економија. Практично се зголемува ангажманот на градежните компании што предизвикува и потреба од стотици нови вработувања, затоа што роковите за градење се релативно кратки.
„Веќе се реализирани нови 1.500 вработувања кои се директно отворени како резултат на почетокот на градбата на овие автопати, а се очекува да бидат ангажирани уште илјадници работници“, изјави министерот за финансии, Зоран Ставрески.
Само во последните триесетина дена градежните компании објавија огласи во кои бараат стотици работници од повеќе профили, најчесто со искуство во нискограба.
Гранит бараше 670, Бетон 280, Трансмет 235, а кинеската Синехидро 300 работници.
„Баравме 235, а се јавија трипати повеќе, односно 800“, вели Сеад Кочан директор на Трансмет.
Во тек е селекција на кандидатите, но Кочан смета дека главен проблем во градежниот сектор е високата просечна старост на вработените и овие автопати се добра можност компаниите да ја подмладат структурата на вработени. Се очекува градежниот сектор во следните 3-4 години да биде основен двигател на економскиот раст во земјава.
„Тие ќе го подигнат нивото на пораст на БДП заоколу 1% годишно, со директен ефект, со ангажман на домашни фирми како изведувачи и ли подизведувачи“, додава Ставрески.
И Државната статистика пресмета дека во март бројот на вработени во индустријата е зголемен за 7,3% во однос на истиот месец лани.
Синдикатот препорачува, доколку на берзата на труд нема некои специфични профили компаниите да размислат и за преквалификација и доквалификација на пријавените кандидати.
Свето Николовски
