Руско-украински конфликт

Гранатиран Краматорск, продолжуваат ракетните напади

02.02.2023 14:04

Ракета истрелана од руските сили погоди станбена зграда во градот Краматорск, источна Украина. Според регионалниот гувернер Кириленко, под урнатините има затрупани луѓе. Европската унија планира нови санкции околу годишнината од инвазијата на Москва на Украина...

Најмалку две лица загинаа, а седум се повредени кога ракета истрелана од руските сили погоди станбена зграда во градот Краматорск, источна Украина. Според регионалниот гувернер Кириленко, под урнатините има затрупани луѓе. На местото на настанот има спасувачи и припадници на полицијата и јавните служби.

„Бев во дневната соба, имам прозорци со поглед токму овде, тие се повеќе или помалку недопрени. А сосетката имаше отворен прозорец, и стаклото исто така не е скршено.“

„Овде ќе останеме додека колку што е потребно – ден, два, три. Ќе им доставиме топли оброци на луѓето погодени од оваа трагедија.“

Украина соопшти дека Русија извршила шест ракетни напади во текот на изминатиот ден и дека постои закана од дополнителни руски ракетни напади низ територијата на Украина.

„Четири ракети ја погодија цивилната инфраструктура во Славјанск, Краматорск и Дружкивка во областа Доњецк. Извршени се 73 напади од повеќекратни ракетни системи. Цивили беа убиени. Заканата од руски воздушни и ракетни напади останува низ цела Украина. Непријателот активно се подготвува за офанзива во одредени правци. И покрај големите загуби, тој продолжува со офанзивни операции во Лиман, Бахмут“, изјави Олександр Штупун, портпарол на Генералштабот на вооружените сили на Украина.

Европската унија планира нови санкции околу годишнината од инвазијата на Москва на Украина.

„Со нашите партнери од Г7 ќе воведеме дополнителна граница на цените на руските нафтени деривати, а до 24-ти февруари – точно една година од почетокот на инвазијата – имаме за цел да го воспоставиме 10-тиот пакет санкции“, изјави Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

Претседателот Зеленски повтори дека единствениот начин да се запре рускиот тероризам е да се победи со тенкови, борбени авиони и проектили со долг дострел.

 

 

Марина Ристова