Питачењето да се реши со институционално вмрежување
Неопходно е вмрежување на институциите за да се надмине проблемот со питачење на малолетници. Ова е истакнато на средбата која се одржа во Куманово, откако е регистриран поголем број на деца кои секојдневно, на оваа начин обезбедуваат средства за своето семејство. Центарот за социјални работи во оваа општина во моментов врши надзор над родителско право на 15-ина деца...

Значаен е бројот на деца кои секојдневно питачат низ улиците во Куманово. Најчесто може да се забележат на главните сообраќајници, патарини, граничниот премин, кафулињата. Помладите се принудени на питачење од своите блиски, но има и возрасни, мајки со бебиња во раце, кои на овој начин доаѓаат до финансии. Надлежните велат неопходно е вмрежување на институциите за да се надмине овој долгогодишен проблем.
„Секој што сака да работи во Куманово, моментално може да најде работа и да не си ги изложува своите деца на еден ваков стрес. Тие деца треба да се во образованиот систем, да гледа општината потенцијал во нив. Ако може општината некако да помогне, со вработување или слично на родителите, а останатото е дел на законот и на системот“, истакна Ивана Ѓорѓиевска, претседателка на Совет на Општина Куманово.
Од Центарот за социјални работи Куманово информираат дека во моментов вршат надзор над вршење на родителско право на 15-ина деца, кои биле затекнати на улица. Извршена е посета на семејства и доставени се опомени.
„Центарот со поставување на надзор ги следи семејствата најмалку шест месеци, за да утврди дали има промена во нивното однесување и дали се повторно на улица. Доколку и втор пат се најдат на улица вршиме одземање на родителско право, поднесуваме предлог до суд“, нагласи Елизабета Ангеловска, социјален работник во Центар за социјални работи Куманово.
Лани на ниво на Куманово нема одземено родителско право. Центарот помага и на семејствата кои имаат потреба при обезбедување документација за остварување на социјална заштита. Овие деца, велат вообичаено не се вклучени во девијантни појави.
„Сметаме дека треба да се крене свеста, флаери да се споделуваат на возачи, пешаци. Самото тоа што ќе дадеш пари некому не значи помош туку напротив може повторно да ги вратиме на улица“, нагласи Даниела Младеновска Спасовски, социјален работник во Центар за социјални работи Куманово.
Настанот на тема „Зачестена појава на питачење и деца на улица“ го организираше Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи Куманово.
Елена Георгиевска
