Основците ќе учат според Кембриџ
27.11.2013 22:33
Дилемите дали одреден учебник е добар или не и дали соодветствува
Дилемите дали одреден учебник е добар или не и дали соодветствува на возраста, заминуваат во историјата. Од наредната година основците од прво до трето одделение математика и природни науки ќе учат од истите учебници како и учениците од Велика Британија, приспособени на наши услови.
-Воведувањето на наставните програми и учебници по математика и природните науки од четврто до шесто одделение е предвидено за учебната 2015/2016 година, а целосно заокружување на реформата е предвидено, година потоа, кога ќе бидат воведени наставни програми и учебници за ученици од седмо до деветто одделение. Последната година е предвидена за мониторинг и верификација,потврди Спиро Ристовски- Министер за образование.
Договорите предвидуваат обука и за наставниците. Проектот ќе обезбеди многу поквалитетен образовен систем, а земјава станува регионален образовен лидер, велат надлежните.
-Со склучувањето на овој договор уште еднаш ја потврдуваме заложбата дека сакаме и активно работиме во делот на подобрувањето на наставата особено по предметите од природните науки и по математика каде што констатиравме извесни слабости во претходниот период, е оценката на Весна Хорватовиќ – Директор на бирото за развој на образованието.
Меѓународниот центар за наставни програми Кембриџ е предводник според квалитетот на програмите и меѓународното образование за ученици од пет до 19 години во светот. Центарот дејствува во над 160 земји.
-Навистина сме импресионирани од Владата на Република Македонија за нејзините заложби да инвестира во иднината на своите деца. Исто така сме почестени што беше побарано од нас ја подржиме оваа иницијатива и да помогнеме во подобрувањето на резултатите од учењето и изучувањето особено на предметите математика и природните науки вели Мајкл О’Саливан – Генерален директор на Меѓународниот центар за наставни програми - Кембриџ
Примената на Кембриџ системот ќе се реализира во наредните пет години. Во следната етапа, можно е да се спроведува и во средното образование.
Андријана Атанасовска
