Украина

Самит ЕУ-Украина

02.02.2023 18:23

Лидерите на земјите-членки пристигнуваат во главниот украински град да разговараат за одговорот на Унијата на конфликтот, реконструкција и помош, глобалната безбедност на храната и апликацијата на Украина за пристапување во ЕУ...

Во Киев се е подготвено за самитот ЕУ-Украина. Лидерите на земјите-членки пристигнуваат во главниот украински град да разговараат за одговорот на Унијата на конфликтот, реконструкција и помош, глобалната безбедност на храната и апликацијата на Украина за пристапување во ЕУ. Пред самитот, испратена порака за поддршка на украинскиот народ, шефицата на Европската комисија објави дека во Хаг ќе се формира меѓународен центар за гонење на злосторствата во Украина.

„Русија мора да одговара пред судовите за своите злосторства. Обвинителите од Украина и Европската унија веќе работат заедно. Ние собираме докази и како прв чекор, можам да објавам дека меѓународниот центар за криминалот и агресијата во Украина ќе биде во Хаг“, изјави Урсула фон дер Лајен-претседател на Европската комисија.

Претседателот на Украина, Зеленски вели дека се потребни нови и побрзи санкции на Брисел против Москва, воедно го доби и вториот дел од прашалникот за членство во ЕУ.

„Ова не е само институционална промена за нас иако војната не оттурнува, ова е важна цивилизациска промена за Украина“, рече Володимир Зеленски-претседател на Украина.

Русија ќе победи во битката против Украина и нејзините западни сојузници исто како што победи против нацистичка Германија во Втората светска војна, вели рускиот претседател Путин од одбележувањето на 80 години од одлучувачката битка за Сталинград. Предупреди дека имаат алатки да одговорат на испораките на западна воена опрема за Киев.

„Неверојатно што германските тенкови повторно и се закануваат на Русија. Ние не ги испраќаме нашите тенкови до нивните граници, но имаме работи со кои можеме да одговориме. На вашите тенкови нема да одговориме само со оклопни возила“, рече Владимир Путин-претседател на Русија.

На фронтот жестоки битки, загинати и повредени цивили во руски ракетен напад врз станбена зграда во источна Украина, заканата од гранатирања останува низ цела целата земја.

 

Маријана Димовска