Втор ден протести на жителите од Автокоманда
Жителите од оваа скопска населба протестираа втор ден, блокирајќи ги улиците на кружниот тек од и кон населбата „Железара“...

Ниту некој ги прашал, ниту дале согласност Владата и АД Енергетика да го променат снабдувачот со топлинска енергија во Автокоманда.
Жителите од оваа скопска населба протестираа втор ден, блокирајќи ги улиците на кружниот тек од и кон населбата „Железара“. Промената е што наместо 24 часа, сега парно имаат само во периодот од 6 до 22 часот, а сметките кои биле за 37% повисоки од останатото население ќе останат речиси исти. Нивниот револт е поради тоа што во 1998 година, со самопридонес, уплатиле средства за да се греат од фабриката.
Од Владата се правдаат дека кризната состојба го наметнала неопходниот чекор.
Претставници на месната заедница, утре се на средба со претставници на компанијата, но децидни се, ќе блокираат улици секој ден од 16 до 17:30 часот, сè додека не ги вратат на железарско парно.
Катерина Топалова
