ЗНМ и СЕММ: Државните фунционери се во служба на јавноста, ваков однос не смее да постои
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) најостро го осудуваат односот на министерот за економија Крешник Бектеши кој според информациите во медиумите, денеска за време прес-конференција на недоличен, дрзок и неприфатлив...

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) најостро го осудуваат односот на министерот за економија Крешник Бектеши кој според информациите во медиумите, денеска за време прес-конференција на недоличен, дрзок и неприфатлив начин коментира дека новинарката од Канал 5 телевизија Катерина Капкоска поставува прашања во име на другите колеги новинари, наместо да одговори на конкретно прашање од јавен интерес. Имено, станува збор за прашање поврзано со порастот на цената на природниот гас, поставено од страна на колешката за време на прес во Владата на РСМ, на чија покана медиумите одговориле со своето присуство.
Потсетуваме дека не станува збор за изолиран случај, туку за негативен тренд на однесување кон новинари што бележи пораст. Токму затоа, ЗНМ ќе ги извести партнерските организации, вклучувајќи ги и ОБСЕ, Европската Федерација на новинари – ЕФН и Совет на Европа.
Државните функционери, се во служба на јавноста и не смее да постои ваков начин на комуникација, кој е крајно несоодветен, непримерен, дрзок и навредлив кон новинарите, а со тоа и кон целата јавност на која треба да и бидат пренесени информациите. Несоодветното однесување со новинарите, кои играат важна улога во информирањето на јавноста, може да ја поткопа довербата во носителот на јавната функција, како и во институцијата што ја претставуваат. Само за потсетување, ова е четврт негативен испад на политичар кон новинари во изминатиот период, крајно време е функционерите да ја сфатат сериозноста на својата позиција пред јавноста и да престанат со директни вербални напади и инсинуации за професионалниот пристап кон работата на новинарите, одговорија од ЗНМ.
