Давитков се враќа во македонската кошарка
После цели 15 години, искусниот кошаркарски стручњак реши да го прифати повикот на Струмица и да се врати во македонската кошарка...

Јорданчо Давитков последната задача во нашата земја ја имаше како селектор на најсилната македонска репрезентација, но сепак неговото последно искуство во мак-баскетот, односно Првата лига датира од 2008-ма година.
После цели 15 години, искусниот кошаркарски стручњак реши да го прифати повикот на Струмица и да се врати во македонската кошарка, а целта ќе биде да му помогне на тимот кој е најслабо рангиран во нашата лига. Давитков последно на клупски план во Македонија работеше токму во Струмица, а судбината посака да се врати во овој град и да се приклучи на проектот најмалку до крајот на сезоната.
Екс селекторот доаѓа со јасна цел, да му помогне на тимот кој е последен на табелата со само две победи на 13 одиграни меча, а веста за пристигнувањето ја потврди и Струмица преку социјалните мрежи.
Давитков последните неколку години работеше во странство, но покрај тоа што ја водеше Струмица, во минатото беше тренер во Македонија и на Никол Ферт, Поло Трејд, Балкан, Неметали Огражден и Работнички.
