Македонија

Бектеши со извинување до новинарите

03.02.2023 10:53

Бектеши истакнува дека е горд што повеќе, како што вели, нема монополизација во тргувањето со природен гас...

Министерот за економија Крешник Бектеши упати извинување до новинарите, откако на вчерашната прес-конференција коментираше дека новинарка од Канал 5 телевизија поставува прашања во име на другите колеги новинари, наместо да одговори на конкретно прашање од јавен интерес. При тоа, Бектеши истакнува дека е горд што повеќе, како што вели, нема монополизација во тргувањето со природен гас. 

„Несомнено е дека новинарите имаат клучна улога во нашето општество, нивниот придонес и работа е многу важен во најефикасното и најтранспарентното функционирање на државните институции. Но, при нашата транспарентност, при секојдневното соочување со новинарите за прашањата за кои сме и надлежни, може да дојде и до недоразбирања во различни ситуации.

Од ваков карактер беше и вчерашниот случај со новинарката Катерина Капкоска, на која лично и се извинувам доколку без намера ја навредив.

Мојата соработката со сите новинари ќе продолжи и во иднина, имајќи најголема почит кон нив.

Во однос на Телевизија Телма, имам огромна почит за нивните професионални новинари, но нема да дозволиме преку конфликт на интерес да потпаднеме под притисок на компанијата Макпетрол која се обидува да задржи монопол на пазарот, на штета на граѓаните.

Горди сме што се либерализираше пазарот на природен гас во државата, одлука која е во интерес на стопанството и на граѓаните, што за жал не е направено од осамостојувањето на државата“, пишува во извинувањето од Бектеши, испратено од Министерството за економија.