Здравство

Инфективното одделение во Велес ќе работи како дневна болница

03.02.2023 12:02

Инфективното одделение во велешката болница нема да хоспитализира пациенти, ќе функционира со амбулантска работа. Медицинските сестри ќе бидат распределени на други одделенија, оти во болницата се чувствува недостиг на ваков здравствен кадар…

Инфективното одделение во велешката болница, ќе работи како дневна болница, нема да хоспитализира пациенти. Ваква одлука е донесена е од пред некој ден. Претходниот период имаше реакции дека поради лошото греење, температурите во просториите и болничките соби се ниски за работа и за персоналот и за престој на пациентите. Поради тоа едниот кат од зградата беше забранет за користење.

Инфективното одделение ќе функционира со амбулантска работа, во прва и втора смена, ќе работи и преку викендите. За пациентите ќе се грижат двајца инфектолози во зависност од возраста, ако имаат потреба од болничко лекување, тие ќе бидат хоспитализирани на интерно одделение или на педијатрија. Причина за ова е намалениот обем на работа и заминувањето во пензија на еден од инфектолозите.

За подобра организација во работењето на болницата, како и настанатиот проблем со недостаток на среден персонал, медицински сестри, се прави прераспределба кон други одделенија, каде недостасуваат. На повеќе одделенија од болницата, се чувствува недостаток на овој профил здравствени работници.

Инфективното одделение имаше капацитет од 56 кревети. Во него освен од Велес, се хоспитализираа пациенти од Свети Николе, Кавадарци и Неготино.

 

Петар Печков